Анкетата на „Дневник“ претпоставувам имаше цел да го испита пулсот на граѓаните сврзано со „сетот од теми“ што ги засегаат името и идентитетот на нацијата. Резултатите се објавени и првично искоментирани, односно анализирани. На пример, францускиот амбасадор Шлунберже е збунет од фактот дека мнозинството Македонци, кои речиси сто отсто биле за евроатлантска иднина, бараат прекин на грчко–македонските преговори ако цената е откажување од името што ги идентификува, а Нано Ружин е изреволтиран дека домашните интелектуалци биле ортодоксни по прашањето на промената на името, поради што ја оневозможиле македонската евроатлантска иднина. И во едниот и во другиот случај реакцијата покажува дека Французинот е шокиран од фактот дека Македонците не се флотантна маса, ами самосвесен збир од поединечни идентитети, а либералдемократот првпат е принуден да види дека мнозинството мисли оти слободните луѓе не смеат да се ставаат пред вулгарен ултиматум или име или членство каде било. Допрва му претстои да ја научи разликата помеѓу ортодоксијата како идеолошка етикета, која ја ползуваат интелектуални кастрати, и елементарното човеково право на слобода, која почнува со самопрепознавањето и самопочитта и за која се борат вистинските интелектуални колоси.
Значи, ако ги баталиме заблудите на индоктринираните политиканти, она што ме затече неподготвена во овој одличен деловен потфат на „Дневник“ е организирањето конференција за медиумите за нарачателот да искоментира оти „резултатите очигледно упатувале на тоа дека требало уште време за да се промени ставот на мнозинството граѓани“, кои сега се цврсти противници на менување на името со кое се идентификуваат и индивидуално и колективно.Соопштувајќи го ова, неодминлив беше впечатокот дека нарачателот е крајно незадоволен од одговорите на репрезентативниот примерок. Ова, според мое видување, ги проблематизира мотивите за анкетирањето, кои очигледно немале намера да го истакнат ставот на мнозинството и да бараат тој да биде демократски респектиран при моделирањето на државната политика, туку за да се процени дали досегашните насилнички и непристојни пропагандни кампањи за втерување страв, перење мозок и сеење конфузија дале некакви резултати на патот кон нашите евроатлантски интеграции. Искрено се надевам дека деновиве уредништвото ќе ни појасни кому всушност му беше наменета пораката дека на пропагандистите им треба уште маку време за да испорачаат резултати. Оти, јасно е дека тоа не и е упатено на македонската публика. Таа не побарала уште малку време за да и буричкаат во свеста и самосвеста за да ја обликуваат како пластелин. Попрво сум уверена дека македонската публика бара да биде респектирана и почитувана поради своите уверувања. Значи, да не жилавам, очебијно е дека нарачателот на анкетата се вади пред некој за тоа дека досегашниот пропаганден пресинг не дал резултати, оти времето било кратко!?
Баш сакам да знам дали постои јасна свест оти со коментарот, нарачателот на анкетата всушност ја презел улогата на егзархија во Македонија, која во 21 век најавува дека во наредниот период ќе навали на тврдоглавото население за да му ја смени самосвеста. Каква бламажа! Каков резил за евроатлантскиот неортодоксен, демек, слободарски свет!
Слобода, слободна волја, човекови права, демократски искажана волја, право на самоопределување, високи џанам европски и атлантски критериуми, во изминатиов период токму во Македонија, благодарение на изобилство фабрички произведен шкарт, станаа политичка фраза на секакви конквистадори и колонизатори. Џинџуви за примитивни балкански Индијанци. Затоа народот, единките идентификувани како граѓани (како субјект без личен белег – идентитет), покажува жилав отпор кон модерната егзархиска пропаганда.
Колку ли време ќе загубиме од нашите потрошени транзициски животи за и овде да стигне веста дека на ниту една точка на планетава не врви веќе политиката на сила. Таа само компромитира. Со овој факт мора да се справат САД, ЕУ и НАТО. Тие сега мораат да се реформираат суштински. Барак Обама веќе ја објави својата нова стратегија за промена на алатките со кои досега се „втеруваше“ националниот американски интерес низ светот. Дипломатија, дијалог, пријателски убедувања, чувствителност за поинаквите гледишта и интереси. Вашингтон, соочен со своите глобални и регионални порази, подготвен е да се обврзе на доследна примена на меѓународното право. Нормално, никој не е наивен дека светот во иднина ќе стане розов, што значи дека и понатаму под маса ќе има и клоцања и потпикнувања и пропаганда и пазарења на штета на трети страни, но светскиот амбиент веќе не е погоден за масовни тортури со македонски пропорции. Новите услови гарантираат и жестоки отпори и многу бламажа и големи порази на моќните насилници доколку не се адаптираат на новите светски услови.
Токму деновиве во Рим, под покровителство на Романо Проди, а од името на ЕУ и ООН, почна уште една „хумана“ конференција за Африка. Дојдоа лидери од сите делови на континентот, кој сé уште ги трпи стравотните последици на колонијализмот. И, за да нема дилеми, организаторот на самитот, лидерот на Сенегал, јавно, во името на цела Африка, пред почетокот го соопшти ставот дека Африканците немаат намера во ниту еден облик да влетаат во нови колонијално-ропски односи со своите потврдени хумани евроатлантски партнери. „Кој ви дал за право вие да ни планирате, креирате и наметнувате агенда што и како ќе работиме за да си ја обезбедиме својата иднина? Африка не е континент на бивши колонии, туку на слободни народи и држави“. Романо Проди, како честит човек и Европеец, сигурно не се чувствуваше удобно во сопствениот костум во мигот кога неговите гости му кажаа дека Африканците не ги ценат високоевропските „бенчмаркови“ за африкански просперитет.
Добро, сега, ќе рече некој, каква врска има Македонија со Африка. Е па, има, ама споредбата е на наша штета. Африканците, суровинска база за профит на цивилизираните колонијалисти, по вековно малтретирање, обезличување и ништење, повлекоа јасна црвена линија на самопочитта. Македонија сé уште не е способна да го направи тоа. Не зашто не умее, туку зашто не сака. Убаво и е да ја уценуваат, понижуваат и унакажуваат. Наоѓа задоволство во колективниот мазохизам, кој дотера дотаму што веќе не може да поднесе ни една вообичаена пропагандна серија на Си-ен-ен, која сме си ја платиле со „народни пари“.
Автор: Мирка Велиновска
